Клучни факти:
Малите сипаници се многу заразна вирусна болест која може да предизвика сериозни компликации. Во некои делови на светот, таа и натаму е честа причина за смрт кај деца помали од пет години.
Во минатото, инфекцијата со мали сипаници била многу честа кај децата во Австралија. Повеќето лица родени пред 1966 година веројатно биле заразени со мали сипаници како деца и најверојатно се имуни на болеста.
Благодарение на имунизацијата, малите сипаници се сега ретки во Австралија.
Сепак, малите сипаници и понатаму се чести во многу делови од светот, а во голем број земји продолжуваат да се јавуваат големи епидемии. Лицата кои патуваат во странство или доаѓаат во Австралија, можат да ја донесат болеста со себе и да предизвикаат епидемии на мали сипаници во заедницата. Токму затоа е важно да осигурате дека сте вакцинирани против мали сипаници за да се заштитите себеси и вашата заедница.
Важно е да се осигура дека секој што е роден во или по 1966 година примил две дози од вакцината против мали сипаници.
Првите симптоми се покачена температура, замор, кашлица, течење од носот, воспалени и црвени очи, и малаксаност. По неколку дена се појавува осип. Осипот започнува на лицето, се шири надолу по телото и трае од четири до седум дена. Осипот не предизвикува чешање. Некои лица, особено малите деца, може да имаат пролив.
Симптомите на мали сипаници обично започнуваат 10 дена по изложеноста на вирусот, но понекогаш може да се појават порано, односно за седум дена, или подоцна, дури по 18 дена. Осипот обично се појавува околу 14 дена по изложеноста на вирусот на мали сипаници.
Малите сипаници се сериозна болест. Компликации се јавуваат кај речиси една третина од лицата со мали сипаници и на многумина им е потребна хоспитализација. Компликациите од мали сипаници може да вклучуваат инфекции на увото, пролив и воспаление на белите дробови. Кај околу едно од секои 1.000 лица со мали сипаници се јавува енцефалитис (оток на мозокот).
Малите сипаници обично се пренесуваат кога некој го вдишува вирусот на мали сипаници што заразеното лице го исфрлило во воздухот преку кашлање или кивање.
Малите сипаници се една од најлесно преносливите инфекции кај луѓето. Самото присуство во иста просторија со некој што има мали сипаници може да доведе до заразување.
Лицата со мали сипаници обично се заразни во периодот непосредно пред појавата на симптомите, па сѐ до четири дена по појавата на осипот.
Лицата се изложени на ризик да се заразат со мали сипаници ако:
Малите сипаници и понатаму се чести во многу земји и често се јавуваат големи епидемии. Лицата кои одат во странство се изложени на ризик од мали сипаници, ако не се имуни.
Најдобрата заштита од мали сипаници е вакцинацијата. Две дози од вакцината против мали сипаници (примени најмалку четири недели помеѓу дозите) обезбедуваат долготрајна, а веројатно и доживотна заштита кај 99% од вакцинираните лица.
Лицата кои планираат да патуваат во странство треба за вакцинацијата да разговараат со својот матичен лекар (GP) или аптекар пред да заминат од Австралија, за да проверат дали ги примиле сите потребни вакцини и за да осигурат дека се целосно вакцинирани против мали сипаници.
Во Австралија, две дози од вакцината против мали сипаници им се нудат на децата бесплатно преку Националната програма за имунизација (National Immunisation Program - NIP) на:
Овие вакцини обезбедуваат заштита од заушки, германски мали сипаници (рубеола), овчи сипаници (варичела) и мали сипаници (морбили).
Лицата кои планираат да патуваат во странство со деца на возраст меѓу 6 и 18 месеци треба да разговараат со својот матичен лекар (GP) за нивните планови, бидејќи децата кои патуваат во подрачја со висок ризик од мали сипаници можат порано да ја примат вакцината.
Секое лице родено во или по 1966 година, кое никогаш не прележало мали сипаници, треба да го посети својот лекар за да се осигура дека примило две дози од вакцината против мали сипаници на растојание од најмалку четири недели. Ако не примило, вакцината е бесплатна во Нов Јужен Велс.
Безбедно е вакцината да се прими повеќе од двапати, па затоа лицата кои не се сигурни дали ја примиле треба да се вакцинираат.
Во Нов Јужен Велс, вакцините против мали сипаници може да се примат кај матични лекари и аптекари овластени за имунизација.
Овластените аптекари не можат да даваат вакцини против мали сипаници на деца помали од пет години.
За секое лице кое нема доказ за примени две дози од вакцината (и кое не бара вакцина преку програмата NIP), самата вакцина ќе биде бесплатна, но аптекарот или лекарот може да наплатат надомест за услугата за давање на вакцината.
За повеќе информации, видете ги Често поставуваните прашања (FAQs) за вакцинација против мали сипаници.
Лицата со симптоми на мали сипаници треба однапред да се јават кога посетуваат здравствени установи (како што се одделите за итна помош или матичен лекар) за да го информираат персоналот за нивните симптоми, со цел да бидат изолирани по пристигнувањето, за да се ограничи потенцијалното пренесување на мали сипаници на други лица.
Лицата со мали сипаници треба да останат дома сè додека повеќе не се заразни (т.е. до четири дена по појавата на осипот) за да се намали ризикот од пренесување на болеста на други луѓе.
Сомнеж за мали сипаници постои кога лицето се чувствува лошо, има кашлица, течење од носот или воспалени очи и покачена температура, по што се појавува осип.
Секогаш кога постои сомнеж за мали сипаници, треба да се земат примероци од носот, грлото и урината, за да се потврди дијагнозата. Може да се направи и анализа на крвта.
Важно е да се потврди дијагнозата, бидејќи тоа овозможува навремено следење од страна на јавните здравствени служби на други лица кои се изложени на ризик од зараза со мали сипаници.
Не постои специфичен третман за малите сипаници. На лицата со инфекција од мали сипаници обично им се советува да одмораат, да пијат многу течности и да земаат парацетамол за намалување на покачената температура.
Кај многу лица болеста може да стане доволно сериозна за да биде потребна хоспитализација.
Лекарите, болниците и лабораториите, училиштата и градинките мора да ги пријават случаите на мали сипаници во локалната единица за јавно здравје (Public Health Unit).
Персоналот на единицата за јавно здравје ќе разговара со лекарот и пациентот (или неговите негуватели) за да открие како дошло до инфекцијата, да ги идентификува другите лица изложени на ризик од зараза, да спроведе контролни мерки (како што се имунизација и ограничување за одење на училиште или на работа) и да даде други совети.
Лицата со мали сипаници треба да останат дома и да не одат на работа, на училиште или во установи за предучилишно образование и згрижување на деца, најмалку четири дена по појавата на осипот.
Образецот „Мали сипаници: Информации за контакти“ (Measles: Information for Contacts form) содржи корисни информации кои лекарите можат да им ги дадат на лицата кои биле во контакт со заболени, по извршениот преглед и/или спроведување на профилактика по изложеност на вирусот.
Повеќе информации
За дополнителни информации, ве молиме јавете се во вашата локална Единица за јавно здравје на 1300 066 055.
Доколку вие или вашето дете имате симптоми на мали сипаници и сте загрижени, веднаш обратете се кај вашиот лекар, а во итен случај јавете се на 000. За здравствени совети, исто така можете да се јавите во Healthdirect на 1800 022 222 за бесплатни совети 24 часа во денот или да разговарате со вашиот локален аптекар.
Бидејќи малите сипаници се исклучително заразни, како контакти се сметаат оние кои вдишувале ист воздух со лице кое било во заразна фаза од болеста. Ова може да вклучува едноставно присуство во иста просторија или чекална со некој кој има мали сипаници.
Лесно е да бидете контакт со лице заболено од мали сипаници без да бидете свесни за тоа, бидејќи луѓето се заразни пред да се појави осипот. Поради тоа, важно е да осигурате дека сте имуни на мали сипаници, особено ако планирате да патувате во странство.
Доколку кај вас започнат да се јавуваат симптоми на мали сипаници: